Избор Избори 2024 Македонија ТОП ВЕСТИ

Професорката Гордана Силјановска-Давкова и официјално кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата

Скопје, 2. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пратеничката и универзитетска професорка Гордана Силјановска- Давкова и официјално е кандидат за претседател на државата, откако денеска големо мнозинствот делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ ја потврдија нејзината кандидатура за претстојните претседателски избори.

Од 454 присутни делегати на конвенцијата што се одржа во Филхармонија, за кандидатурата на Силјановска-Давкова гласале 444. Поздравена со овации и скандирања, таа во своето обраќање рече оти резултатот од гласањето ја остава без зборови, посочувајќи дека дадената доверба ѝ значи многу.

– Не очекував олку голем резултат. Од срце ви благодарам, оти не веруваме дека разумот може во ваква атмосфера да зборува. Признавам дека ниту еден труд и членство во меѓународни организации не ми значелело толку колку можноста што ми ја дадовте вие, и тогаш и сега, да си го запознам народот, рече Силјановска-Давкова, која имаше обраќање и пред гласањето за нејзината кандидатура.

Таа порача дека многу работа „стои пред нас“ и ги повика сите оние што ќе бидат носители на некоја функција, да стават крај на овие, како што ги оцени, страшни поделби по која било основа – најмногу партиска и политичка.

– Да не се однесуваат кон опозицијата како тие што се однесуваа кон неа, затоа што без опозиција нема демократија. Да градат консензус за најважните прашања и интереси. Да излегуваат кон надвор услогласени, зошто само лидери и државници тоа го прават. Патот го знаеме, ние и не бираме други патишта, како што велат, ама не се станува европјанин, не се вежба европеизација преку реторика ЕУ, ЕУ, ЕУ… туку преку вежбање демократија. Мора копенхагеншки да се однесуваме, мора владеењето на правото да ни биде прво, мора слободите и правата на човекот да ни бидат во фокусот, мора пазарна економија да градиме, мора да ги почитуваме индивидулните права, ама исто така и малцинските права. Јас ве уверуваме дека нема да ве засрамам. Јас ве уверувам дека ќе ги мерам зборовите, ве уверувам дека ќе градам сојузи и сојузништва, дека ќе интегрирам, а нема да дезинтегрирам, кажа Силјановска-Давкова по официјализирањето на нејзината кандидатура за претседател на државата. (Крај)

извор: 360 степени фото: 360 степени

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука