Скопје, Охрид, 3. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Актуелниот претседател на Република Македонија Стево Пендаровски и иратеничката и универзитетска професорка Гордана Силјановска- Давкова, која од вчера и официјално е кандидат за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ, од денеска, 3-ти март започнуваат со собирање потписи за поддршка на нивните кандидатури за првата фотелја во вила „Водно“.
СДСМ, денеска ќе одржи конгрес на кој треба да се официјализира поддршката за Пендаровски кој претходно најави дека ќе се кандидидира за втор мандат и истакна дека зад себе нема грешки и афери. Покажал дека е независен и дека никој не може да го контролира.
– Се кандидирам не само да учествувам, туку и да победам. Зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка, без корупциска афера, случаи на непотизам или судир на интереси поврзани со мене, моето семејство или најблиските соработници, рече Пендаровски.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова посочува дека претседателот треба да се однесува натпартиски, да едуцира, да обединува, да биде проактивен и да почитува соработка и мирно решавање на споровите.
– Претседателот мора да се однесува над партиски, не партиски, да ја претставува државата кон внатре, кон граѓаните и кон надвор, никогаш не заборавајќи дека е таму заради државните и националните интереси а не заради својата кариера не заради својата слава. Кај нас претседателите имаат силен изборен легитимитет, речиси најсилен во компаративното право, не сум за силни надлежности и силни претседатели затоа што во отсуство на демократска традиција може да се појави опасност од некој фолклорен лик односно од некој балкански Бонапарта. Претседателката, претседателот мора да обединува, да биде проактивен, а не реактивен, да се води од Копенхагенските критериуми, да ги претставува сите без оглед на етнос, вера, пол, род, статус, да биде почитуван и да почитува, да едуцира, да биде горд, да почитува соработка, мирно решавање на споровите, да има чувство, да биде емпатичен, да има регионален преглед, затоа што ако не ги брани соседите тогаш нема да го бранат ниту него. Нам ни треба скандинавизација во однесувањето. нагласи Силјановска Давкова.
Граѓаните ќе можат да го дадат својот потпис за поддршка во сите подрачни единици на Државната изборна комисија. Подрачната единица на ДИК се наоѓа во просториите на Општина Охрид. Својот потпис можат да го дадат граѓаните од општините Охрид и Дебрца. Потписи ќе се собираат заклучно со 8-ми март 2024 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес