Скопје, 3. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во рекордно време, за неполни пет часа, собрани се 10.000 граѓански потписи за поддршка на кандидатурата за втор мандат на претседателот Стево Пендаровски, објавија официјално од неговиот кабинет.
– Собирањето на потписите започна денеска, 3-ти март во 08:00 часот на територијата на целата држава и за неполни пет часа се собрани 10.000 потписи од граѓаните кои се потребни за поддршка на кандидатурата за претседател. Им благодариме на сите граѓани кои ја дадоа својата поддршка. Продолжуваме со собирањето на потписи и во наредните часови и денови, стои во дописот.
Потписи собира и пратеничката и универзитетска професорка Гордана Силјановска- Давкова, која од вчера и официјално е кандидат за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните можат да го дадат својот потпис за поддршка во сите подрачни единици на Државната изборна комисија. Подрачната единица на ДИК се наоѓа во просториите на Општина Охрид. Својот потпис можат да го дадат граѓаните од општините Охрид и Дебрца. Потписи ќе се собираат заклучно со 8-ми март 2024 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива