Охрид, 8. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Најмалку 524 потписи ќе треба да соберат независните кандидати за градоначалник и советници за да можат да учествуваат на следните локални избори во Охрид, откако измените на Изборниот законик ги зголемија квотите на граѓански потписи за учество.
Според досегашните одредби од Изборниот законик, независните кандидати за градоначалници и советници се бараше да соберат помеѓу 100 и 1.000 потписи во зависност од вкупниот број на жители во општината во која се кандидираат. Во Охрид оваа бројка беше 350 граѓани кои требаше да го дадат потписот за кандидатот за градоначалник или советничката листа.
Со новоизгласаните измени на Изборниот законик, независните кандидати за советници или градоначалници треба да соберат најмалку еден процент потписи од вкупниот број на запишани избирачи во избирачкиот список на општината.
На последните, осми по ред локални избори кои се одржаа во 2021 година, во Охрид право на глас имаа 52.477 граѓани, кои гласаа на 88 избирачки места. Според последните измени во Изборниот законик, (член 62), тоа го става градот во групата општини од 50.001 до 100.000 жители, што значи дека ќе треба да се соберат најмалку 524 потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на општината.
Измените на двата члена од Изборниот законик, кои предвидуваат промена на квотата на граѓански потписи потребни за учество на независните кандидати на парламентарните и на локалните избори се дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Во делот од извештајот од набљудувањето на локалните избори 2021 година во кој се дава осврт на регистирањето на кандидатите на изборите се наведува дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број на потписи до еден процент од вкупниот број на регистрирани гласачи, согласно меѓународната пракса.
– За да се обезбедат еднакви можности во правото за кандидирање на сите кандидати, потребниот број на потписи за поддршка на независните кандидати треба да биде пропорционален на реалниот број на запишани избирачи по изборна единица. Треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број на потписи до еден процент од регистрираните гласачи, во согласност со меѓународната пракса, се наведува, меѓу другото, во финалниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во 2021 година. (Крај)
извор: 360 Степени фото: ОхридПрес