Скопје/Охрид, 9. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ истече рокот за собирање потписи за кандидатите за претседател на Република Македонија за претстојните избори, чиј прв круг ќе се одржи на 24-ти април годинава.
Според податоците од ДИК од 7-ми март до 20:00 часот, од 15-те пријавени кандидати за собирање потписи, потребните 10.000 потписи ги собраа седум кандидати: Стево Пендаровски поддржан од СДСМ кој собра 22.412 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ – 28.086, Бујар Османи од ДУИ – 11.085, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди – 10.710, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски – 11.290, Максим Димитриевски од ЗНАМ За наша Македонија собра 11.605 и Билјана Ванковска- Цветковска од Левица 10.559 потписи.
Останатите 8 кандидати не стигнаа до потребните 10.000 потписи. Кандидатката Мерсиха Смаиловиќ, поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 2.778, Вело Марковски – 1.634 потписи, Ѓорѓи Манасков – 488, Зорица Цветковска – 284, Господин Попоски 145, Гоце Ристов 6 и Драган Николовски 6 потписи. Според ДИК, кандидатот Томе Николоски нема ниту еден потпис, но неофицијално тој се откажал од процесот.
Собирањето потписи се одвиваше во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19-ти март, на полноќ.
Во четвртокот, без расправа, беше изгласан Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка. Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.
Со преодната одредба на законот се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.
На 24-ти април и 8-ми мај 2024 година, македонските граѓани ќе гласаат на седмите претседателски и 11-те парламентарни избори. (Крај)
извор: МИА фото: ОхридПрес