ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Реакции околу набавка на матурски наметки во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, од училиштето велат постапката ја спровеле Советот на родители и ученичката заедница

Охрид, 19. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Родители на ученици од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид со допис до Супер радио и OhridPress реагираат околу набавката на наметки за матурантите од ова училиште.

Изреволтираните родители, како што се потпишани во дописот, посочуваат дека сите ученици од прва до четврта година се обврзани да плаќаат по 450 денари на својот класен раководител и парите наводно би биле наменети за набавка на наметки за фотографирање средношколци – матуранти, постапка што, како што наведуваат, е завршена за овогодинешните матуранти.

– Очигледно е дека раководството на средното охридско училиште е погодено од економската криза во Македонија и има потреба од дополнителни приходи, па дури користат ученици од ранливи категории со цел зголемување на нивниот приход. Ние родителите се прашуваме од каков скапоцен материјал ќе бидат изработени овие наметки? Дали ќе бидат со злато и дијаманти или можеби некои други скапоцени камења?, стои во дописот.

По однос на ова, директорот на средното училиште Сашо Недески во изјава за Супер радио и ОhridPress појасни дека управата воопшто не била вклучена во целата постапка, туку Советот на родители и ученичката заедница, според правилникот за спроведување на вонучилишна активност, а фотографирањето нема врска со фотографирањето.

– Учениците спроведоа анкета за сите од прва до четврта година, 65% од учениците беа за да се обезбедат наметки и капи. Ние ако управа не бевме вклучени, туку Советот на родители и ученичка заедница, според правилникот донесен на училишен одбор, за спроведување на вонучилишна активност и цела постапка е комплетно спроведена од нивна страна. Имаше 4-5 понудувачи, избраа најповолен понудувач со најниска цена, 1.700 денари по наметка. За генерацијата треба околу 200-210 наметки. Сумата поделена на вкупниот број на ученици, 800, дојдовме до таа цена 450 по ученик. Нема врска фотографирањето со набавката на наметките, потенцира Недески.

Напомена дека класните раководители имаат строга забрана за собирање пари и тоа го прават учениците и ги уплаќаат на жиро сметка на избраната фирма. Недески додаде дека ученици од ранливи категории се ослободени од плаќање.

– Солидарно е именувана акцијата, од прва до четврта година да се соберат средства, бидејќи наметките ќе се користат и за следните генерации. Сите школи имаат, на исти начин се набавени, ние како училиште го зголемивме рејтингот и самите ученици бараат да има таков настан да се огранизира и на родителски средби родителите позитивно изреагираа, во 90% од класовите. Ние како школо ја поддржавме воннаставната активност на учениците. Информирани се родителите за сѐ и за фирма и за сума. Сѐ е според правилник и постапка преку Совет на родители и ученичка заедница, вели Недески.

Додаде дека изминатите две години за организирање на свеченоста за доделување дипломи на матурантите, наметки и капи биле позајмувани од гимназијата и економското училиште, но не биле доволни за сите ученици во генерацијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука