ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Во Охридското Езеро се крие најстариот езерски град во Европа

Охрид, 26. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека во водите на албанскиот дел од Охридското Езеро се крие најстариот езерски град во Европа е помеѓу најкоментираните деновиве на Facebook профилот на OhridPress.

Археолошките истражувања биле во рамките на регионалниот проект EXPLO, а еден од најважните резултати на проектот е што населбите на крајбрежјето на езерото во регионот се многу постари отколку што очекувале. Првите активности во рамките на проектот биле со партнери од нашата земја, а тесно соработуваат и со грчката страна од EXPLO. Од 2018 година почнале првите контакти со археолозите од Албанија и соработката сè уште трае. Во моментот фокусот е на Лин бидејќи се надеваат дека оваа локација ќе биде алката што недостасува помеѓу грчките и македонските локации на кои претходно работеле. За да се дефинира целосниот опсег на наодите и истите целосно да се анализираат и разберат ќе бидат потребни години. Сепак, артефактите извадени од длабочините на езерото го датираат потеклото на градот помеѓу 6.000 и 5.800 година п.н.е.

– Според нашите сознанија, локацијата Лин на Охридското Езеро е најстарата во Европа. Постаро е од претходно нотираните најстари локации во медитеранскиот и алпскиот регион за неколку стотици години. Замислете заедница која напредувала илјадници години пред подемот на древните цивилизации какви што ги знаеме, забележа Алберт Хафнер, археолог и истражувачки директор на Универзитетот во Берн.

Читателите на OhridPress посочуваат на состојбите во областа на заштита на ваквите локалитети на територијата на Република Македонија и бараат поголема грижа и соодветен третман за истите. Секако имаме и бројни бисери на познатата охридска луцидност, уште повеќе обиди за истата, но останува фактот дека станува збор за „жешка тема“ поврзана со екологијата, а особено со заштитата на Охридското Езеро и околината и сите препознатливости кои ги кријат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука