ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ДИК: По обработени над 90% од податоците, Гордана Силјановска- Давкова води со околу 160 илјади гласови пред Стево Пендаровски

Охрид, 24. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Државната изборна комисија (ДИК) ги соопштија резултатите на претседателските избори, по обработени 90% од податоците, кои покажуваат предност на кандидатката Гордана Силјановска- Давкова со над 160 илјади гласови пред Стево Пендаровски.

Силјановска- Давкова има 330.270 (39,98%) гласови после 91,47% обработени податоци, додека Стево Пендаровски има 164.697 (19,94%) гласови. Бујар Османи има 112.368 (13,60%) гласови, Арбен Таравари 79.211 (9,59%) гласови, Максим Димитриевски 72.933 (8,83%) гласови, Билјана Ванковска- Цветковска 36.614 (4,43%) и Стевчо Јакимовски 7.632 (0,92%).

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски истакна дека излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места изнесува 49,75 отсто. На гласање излегле 810.971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789.031, а неважечки 21.946 гласачки ливчиња.

Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните гласале достоинствено.

Граѓаните на Република Македонија денеска гласаа за новиот шеф на државата кој ќе ја води во текот на следните пет години. Во изборната трка беае седум кандидати, што е најголем број на кандидати во историјата на државата. За победа во првиот круг беше потребно кандидатот да освои гласови на повеќе од половината од вкупниот број регистрирани гласачи.

Вториот круг ќе се одржи на 8-ми мај, заедно со парламентарните избори.

Кандидати за прв човек на Република Македонија беа Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стевчо Јакимовска од ГРОМ, Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт, Билјана Ваковска поддржана од Левица, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука