Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Со краткометражен филм посветен на врсничкото насилство, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Oхрид го освои второто место на МАССУМ образовното рандеву (Видео)

Охрид, 13. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со краткометражниот филм „Соочување“, посветен на врсничкото насилство, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Oхрид го освои второто место на образовното рандеву во организација на Младинската Асоција на Средните Стручни училишта во Македонија (МАССУМ), во конкуренција на 32 стручни училишта од Република Македонија.

– Темата на филмот беше врсничко насилство, доста актуелна тема со која што сакаме да ја подигнеме свеста кај учениците но исто така и кај родителите и наставниците за се’ поголемата застапеност на булингот во училиштата. Врсничкото насилство е сериозен проблем, затоа што може да остави последици врз менталното здравје на учениците. Тие може да се чувствуваат депресивно, луто, со прекумерен стрес, беспомошно, а траумата во најлош случај може да доведе до самоубиство или таканаречен булицид, информираат од училиштето.

Додаваат дека она што е многу важно е да се зајакнат капацитетите како на настравниот кадар за препознавање на насилство, така и на психо-педагошките служби за интервенција.

– Но, уште поважно е да се зајакнат капацитетите кај децата да го препознаваат и пријавуваат насилството, но и кај родителите да можат да го препознаат и реагираат кон своите деца, но и кон службите кои стојат на располагање. Филмот го изработи ментор педагог Андријана Паскали, заедно со учениците: Ивана Котеска, Стефанија Битолкоска, Марио Јованоски, Андреј Пуфтовски, Кристијан Танески, Матеј Илоски и Ана Мари Коцевска, додаваат од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Oхрид.

Погледнете го филмот на младите автори.

извор: ОхридПрес фото/видео: СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Oхрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука