Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ракијата „Алтана“ на охридската S&S винарија освои златен медал на Меѓународниот фестивал „Златни Чокањ“

Охрид, 7. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ракијата „Алтана“ на охридската S&S винарија освои златен медал во категоријата ракија од грозје на Меѓународниот фестивал на јаки алкохолни пијалоци и ликери „Златни Чокањ“ во Зеница.

– Многу сме возбудени што ќе ја вброиме нашата наградувана ракија „Алтана“ во понудата за дегустација. Со златниот медал, сигурно имаме ракија која е совршена за вашата палета, порачаа од S&S винарија.

Станува збор за угледен фестивал кој е посветен на промоцијата и дегустацијата на различни видови алкохолни пијалоци.

Ова е само потврда за квалитетот на производите на оваа винарија. Виното Вранец – Требеништа во ноември минатата година освои бронзен медал на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ кој се одржа во Белград, Србија.

Браќата Ванчо и Николче Шутароски, ја продолжија семејната традиција и љубовта која кон виното ја негувал нивниот татко Стојан и во „Чекоштина“ направиле мал рај за себе, но и за сите добронамерници и вљубеници во напитокот на боговите.

– Нудиме едно незаборавно искуство со дегустација на вино, одличен начин да поминете квалитетно време со пријателите и најблиските. Уметноста на дегустација на вино и совршени парови на храна во нашата винарија е само мал дел од уживањето. Резервирајте ја вашата турнеја за дегустација на вино, потенцираат од S&S Winery. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука