ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Денеска започнува електронското пријавување, во охридските средни училишта има место за 851 полуматурант

Охрид, 20. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска, до вторник, 25-ти јуни, до 15:00 часот, ќе се реализира првото електронско пријавување на учениците за упис во средните училишта.

Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk.

Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/најава.

Согласно објавениот конкурс во четирите средношколски центри во Охрид ќе може да се запишат 851 полуматурант.

Во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ слободни има 272 места за идните средношколци, во гимназиско образование, впрочем идентично како и изминатите години.

Во економското училиште „Свети Кирил и Методиј“ ќе може да се запишат 152 ученици од кои 118 во економско-правната и трговска струка и 34 во здравствената струка.

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ има 277 слободни места, во 10 паралелки, според наставните планови и програми за машинска, електротехничка, сообраќајна струка и лични услуги.

Во РЦСОО „Ванчо Питошески“ во прва година може да се запишат 150 ученици, што е намалување во споредба со уписите за тековната учебна година. Учениците ќе бидат поделени во 6 паралелки во угостителско- туристичка струка.

Охридските полуматуранти при уписите за учебната 2023/2024 година беа позаинтересирани школувањето да го продолжат во стручните училишта отколку во гимназија.

Конечната ранг-листа од првото пријавување ќе биде на 26-ти јуни.

Второто електронско пријавување ќе биде на 1-ви и 2-ри јули кога воедно ќе се доставуваат и документите до училиштата, а конечната ранг листа со резултатите од запишувањето и слободните места секое училиште ќе ја објави на 3-ти јули.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после уписниот рок со две пријавувања. Пријавување на учениците ќе се врши на 21-ви август од 00:00 часот до 15:00 часот, електронски. Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 21-ви август од 07:00 часот до 17:00 часот. Конечната ранг листа со резултатите од запишувањето, секое училиште ја објавува на 22-ри август, најдоцна до 12:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука