Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Здравковски: СДСМ и ДУИ потрошиле стотици милиони евра народни пари за патишта, автопатот Кичево-Охрид едвај е поместен од ситуацијата во која е оставен

Скопје, 27. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Игор Здравковски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, денеска на прес конференција истакна дека СДСМ и ДУИ потрошиле стотици милиони евра народни пари за патишта и пруги кои не само што не ги изградиле, туку не направиле поместување од тоа што го затекнале.

– Загрижува фактот што Извештајот на Државниот завод за ревизија, наведува дека кај најголем дел од инфраструктурните проекти не само што се зголемени цените на чинење на проектите како и пролонгирани се роковите за реализација, туку во дел од нив се јавува и опасност од дополнителни трошоци за арбиртражни постапки кои треба да ги плаќа државата, таков е патот Прилеп-Градско, делот Дреново-Фариш. Автопатот Кичево-Охрид што ВМРО-ДПМНЕ го остави во напредна фаза на реализација едвај е поместен од ситуацијата во која е оставен, а според ревизорскиот извештај утврдено е зголемување од 178 милиони евра за доизградба на истиот. Тоа се пари додадени како анекси на договорот, на веќе испроектирани финансии, а патот се уште не е завршен. Лудоста на власта не застанала тука. Таа продолжила и со автопатот Скопје-Блаце, кој за 10 километри, треба да чини над 180 милиони евра, што е за 80 милиони повеќе од првично предвиденото. Зголемување за кое ЈПДП, не дале конкретно објаснување за потребата од зглемување на финаниските средства, вели Здравковски.

Според него, до сега се изброени 260 милиони евра дубиози на власта.

Александар Николоски, министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, неодамна за Тв Сител изјави дека ветува дека автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен до 2026-та година.

– Не сакам да давам рокови, ние во нашата програма напишавме до крајот на 2026-та година, што мислам дека е реален рок. Јас секако ќе направам се’ заедно со мојот тим и заедно со новиот директор на ЈП за државни патишта, бидејќи сметам дека постојниот нема капацитет да го води тоа претпријатие, истакна Николоски.

Тој додаде дека ќе се залага рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид да биде пократок. Тој потсети дека што изградбата на сите магистрални, регионални и експресни патишта и автопатишта е надлежност на ЈП за државни патишта, а министерството е контролор. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука