Охрид, 2. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, утре е празник посветен на светецот Наум Охридски – Чудотворец, кој има силен култ и почитување меѓу граѓаните во Охрид и охридско.
Тој е еден од првите ученици на светите браќа Кирил и Методиј и најблизок соработник на Свети Климент Охридски. Одиграл важна улога во ширењето на православната вера меѓу словенските народи на Балканот на словенски јазик.
Десетина години пред смртта го основал манастирот посветен на светите Архангели на Охридското Езеро. Овој манастир е денешниот Св. Наум, еден од најважните и најстарите огништа на писменоста во Словенскиот свет, каде се зачувани придобивките на Моравската мисија на св, Кирил и св. Методиј. Манастирот го одржува својот духовен живот повеќе од 1100 години.
Во неговото житие се вели дека чудата на Свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото. Бројни чуда се јавувале за време на неговиот земен живот, а посебно по неговата смрт преку неговиот дух, гробот и изворот од под карпите. За помош доаѓаат луѓе од сите краишта и од сите вери и народности. Бројни се примерите како се зачнал плод кај неродилки, како дете по две-три години заодело или прозборувало, откако неговите родители биле да му се помолат на Свети Наум. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес