ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Во средните училишта во Охрид досега се запишани вкупно 496 основци, поголем интерес има за стручните училишта

Охрид, 16. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во четирите средношколски центри во Охрид во првото и второто пријавување во јунскиот уписен рок се запишале вкупно 496 основци.

Според податоците што ги добивме од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид, основците најголем интерес покажале образованието да го продолжат во стручните училишта.

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ се запишале 217 ученици. Оттаму потенцирале дека интересот за упис е константен, изминатите 5 години и во Центарот се запишуваат над 200 ученици. Тоа се должи на соработката со компаниите Костал, Магна, ОДВ, ЛТХ, ЕВН и други помали компании односно воведувањето на дуалното образование. Во Центарот има 20 слободни места, а во августовскиот рок ќе се запишуваат ученици кои биле упатени на поправен испит или на испит на година.

Во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ се запишале 108 основци, а најголем интерес имало за струките економски техничар-соработка со компании и техничар за е-трговија и дигитален маркетинг.

Од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ за Супер радио и OhridPress информираат дека по двете пријавувања во јунскиот рок запишани се 63 ученици, што е благо зголемување во однос на претходната година.

ОСУ „Св. Климент Охридски“ односно охридската Гимназија годинава бележи зголемен број на запишани ученици, во јунскиот рок таму образованието ќе го продолжат 108 ученици, што е за 20 повеќе од минатата година. Оттаму уште нѐ информираа дека од септември почнуваат со едносменско работење, а ќе продолжат со кабинетската настава.

Согласно објaвениот конкурс, учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места во август. Пријавување на учениците ќе се врши на 21-ви август од 00:00 часот до 15:00 часот, електронски. Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 21-ви август од 07:00 часот до 17:00 часот. Конечната ранг листа со резултатите од запишувањето, секое училиште ја објавува на 22-ри август, најдоцна до 12:00 часот.

Низ годиниве евидентно е намалувањето на бројката на ученици, а од средните училишта се со заеднички став дека тоа е резултат на трендот на иселување.

И на државно ниво основците поголем интерес пројавиле за упис во стручните училишта. Според информациите од Министерството за образование и наука, две третини, односно 73.8 отсто основци се запишале во стручните училишта, а само 26.2 проценти решиле образованието да го продолжат во гимназиите низ државава. Тоа во бројки е од над 15.000 ученици, повеќе од 11.000 се запишале во стручните училишта, а нешто над 4.500 во гимназиите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука