Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Владата ја укина одлуката за вложување дополнителни 252 милиони евра за изградба на автопатот Кичево-Охрид

Скопје/Охрид, 17. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија, на вчерашната седница донесе одлука за укинување на заклучокот на претходната техничка Влада со кој се предвидуваше вложување на дополнителни 252.699.474 евра, кои не се планирани и обезбедени во Буџетот за изградба на делницата 2, Гостивар-Букојчани од автопатот Кичево-Охрид како дел од коридор 8.

Од Владата велат дека тоа е економски неисплатливо и најавија дека ќе го известат Јавното обвинителство.

– Овој заклучок бил усвоен на 13-ти јуни оваа година, повеќе од еден месец после изборите и на неколку дена пред донесување на Одлуката за избор на нова Влада, како и економската неисплатливост за реализација на истиот, се вели во денешното соопштение од Владата.

Министерот за транспорт Александар Николоски неодамна повтори дека ветувањето што го дале дека до крај на 2026 година ќе има функционален автопат Кичево Охрид ќе го реализираат и истиот ќе биде завршен.

Тој потенцира дека има бројни проблеми во однос на изградбата на делницата, на која се работи веќе цела деценија, што моментално се детектираат.

– Дел од проблемите се поврзани со експропријација, дел со проектирање на косини, дел со објекти на самата траса, пред сѐ бензиски пумпи што треба да се дислоцираат, рече Николоски.

Делницата од 57 километри се гради веќе 10 години, со две влади, а и понатаму останува една од топ-темите на жителите на овој дел на државата. Низ годините лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука