ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Злато за Македонија на Европската Олимпијада по физика, охриѓанката Емилија Николовска дел од тимот

Скопје/Охрид, 19. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нашиот генијалец Јан Стојановски, денес го освои првиот златен медал за Македонија на 8. Европската олимпијада по физика која од 15-ти до 19-ти јули 2024 година се одржа во Кутаиси, Грузија, информираат од Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ).

– Честитки за Јан за кој ДФРМ не се сомневаше дека ќе го донесе првото историско злато од оваа олимпијада, имајќи ги во предвид неговото знаење од физика како и досегашните освоени награди на олимпијадите по физика: сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика минатата година во Хановер, Германија, бронзениот медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика одржана во Токио, Јапонија во 2023 година и златниот медал на 5. Балканска олимпијада по физика одржана во Никозија, Кипар во 2022 година. Од се срце ти го посакуваме и златниот медал на Меѓународната олимпијада по физика која од 21-ви до 29-ти јули 2024 година ќе се одржи во Исфахан, Иран, потенцираат од Друштвото.

На Олимпијадата која завршува денес, покрај Јан Стојановски кој е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје, награди за успешно учество (пофалници) добија и Матеј Гелев, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје, Емилија Николовска ученичка во Математичко Информатичката Гимназија во Скопје и Димитриј Анѓеловски ученик во СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Достојно ја престави својата држава и го покажа своето знаење на оваа олимпијада и Дамјан Стојанов ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.

Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.

На 8. Европска олимпијада учествуваа 54 држави и тоа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да учествува со тим од 5 ученици. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ДФРМ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука