ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Точков: За месец и пол 6 извлечени давеници и над 650 укажувања прва помош, апел да се избираат безбедни и прописно обележани капалишта

Охрид, 26. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од средината на јуни досега спасителите на вода на Црвен крст Охрид имале 6 интервенции на извлекување на давеници и над 650 укажувања на прва помош на капалиштата во Охрид.

Претседателот на охридскиот Црвен крст Сашо Точков за Супер радио и OhridPress вели дека овие бројки се во рамки на просекот, а во периодот што следи се очекува зголемен број на посетители на плажите, а со тоа и поголем притисок на спасителните тимови.

Моментално околу 15 лица се грижат за безбедноста на неколку капалишта чии концесионери ги испочитувале законските одредби за безбедност и ангажираа спасителни тимови. Не можам да кажам дека бројот на капалишта што годинава го покриваме е поголем од лани, ниту пак дека се зголемила совесноста на концесионерите и оние кои ги стопанисуваат капалиштата за истите да им бидат безбедни, истакна Точков.

– Ние започнавме со активности за обезбедување безбедни услови за капење, спорт и рекреација на капаиштата уште од 15-ти јуни. Уште оттогаш на Golden beach имаме поставено спасители, а веќе од 1-ви јули и на плажата Св.Наум, Градиште на две плажи, во хотели „Метропол“ и „Белви“, „Славија“, „Инекс“, потоа плажа „Куба Либре“, на градскиот базен, како и на базенот во хотел „Јуник“ имаме поставено свои спасители. Апелираме како и секоја година капачите, да се фокусират и да ги одбираат оние капалишта што се безбдени, прописно обележани, што имаат места за укажување прва помош и оние што имаат спасители на вода, набљудувачници итн. Остануваме отворени за сите кои имаат потреба и сакаат да го почитуваат законот, бидејќи законот предвидува како едно капалиште треба да изгледа и кои услови да ги исполнува за да биде безбедно, подвлече Точков.

Тој и овојпат, како што нагласи и пред почетокот на сезоната, и до локалната самоуправа и концесионерите што немаат спасители и немаат безбедни капалишта потсети дека тоа треба видно да го истакнат на одредени табли, дека капачите го користат на сопствена одговорност. Но, за жал засега такво нешто не е забележано.

spasitelidrim1

Што се однесува до капалиштата што немаат концесионер, Точков рече дека нивните мобилни тимови на парамедици и спасители на вода во наредниот период ќе имаат почести контроли на тие делови.

Точков апелира до сите корисници на капалиштата да бидат одговорни, совесни да не влегуваат во вода ако се чувствуваат здравствено слаби, ако се непливачи да го пријават тоа кај спасителот, да не консумираат алкохол за време на овие високи температури и да не влегуваат во езерските води во алкохолизирана состојба. Секако да се придржуваат и до оние препораки што ги даваат сите субјекти што издават пловни објекти, да носат елеци за спасување и да го почитуваат ограничениот број на лица што можат да бидат на една педалинка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука