Охрид, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Снимките на системот NASA FIRMS од пожарот на планината Галичица кој трае скоро две недели покажуваат дека истиот се’ уште зафаќа голем регион, но дека е намален на македонска во однос на страната која гори во соседна Албанија.
Според директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, пожарот на Галичица гори на тешко пристапен терен и од страната на Охрид и од страната на Преспа.
– Тоа е карпест терен на кој човечка нога не може да стапне. Хеликоптерот фрли неколку корпи вода на овој тешки пристапен предел, но линијата е голема, вели Ангелов.
Тој најави дека денеска на Галичица ќе се гасне со три хеликоптери за да се постигне подобар ефект.
На терен денеска беше и еден авион „Ер трактор“ кој ја продолжи борбата со пожарот.
Системот за информации за пожари и управување со ресурсите NASA FIRMS редовно ги објавува најновите податоци за пожарите ширум светот, скоро во реално време.
Како што веќе информиравме, бројни екипи на пожарникари, вработени во НП „Галичица“, ДСЗ, ЦУК, ПСС и волонтери, од рано утрово ја продолжија борбата за спас на планината Галичица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива/FIRMS