Охрид, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – За разлика од минатите денови, денеска имавме позитивен ден и пожарот веќе на места се контролира. Остануваат само одредени локации, кои се тешко достапни и на кои може да се пристапи само со помош на летала од воздух, изјави за Супер радио и OhridPress командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид Борко Јанкулоски.
Тој потенцира дека денеска, уште од раните утрински часови се делувало на потегот кај „Војтино“, каде во текот на денот се интервенирало на 5 до 6 жаришта, со околу 30 професионални пожарникари.
– Нашите пожарникари интервенираа заедно со Доброволното противпожарно друштво „Повардарец“ од Неготино и Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ Охрид и Дебрца, како и со останати волонтери со логистичка поддршка од погранична полиција, вработени во НП „Галичица“ и останати лица и служби. Имавме и поддршка од воздух на тешко пристапните локации, а со механизација е успешно направен и појас за да се спречи ширење на пожарот, изјави Јанкулоски.
Тој упати и голема благодарност до волонтерите кои помагаа денеска, како и до сите кои биле вклучени во гасењето на пожарите на овој дел на планината.
Јанкуловски напомена и дека имаат и редовна координација и комуникација со албанската страна каде во моментов е поголемиот дел од пожарот и дека сите напори се да се спречи да слезе пожарот во селото Љубаништа.
Додава дека акцијата продолжува утре во 06:30 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива