Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

АРМ го одбележа 32. роденден, генерал-мајор Сашко Лафчиски застана на чело на Армијата како 12. началник на генералштабот

Охрид, 18. август 2204 (ОХРИДПРЕС) – По повод 32. роденден на Армијата на Република Македонија, на пригоден начин во Центарот за обука на вода во Охрид, во присуство на воениот и државен врв, денеска се одржа централната свеченост со која се одбележа 18-ти август – Денот на Армијата.

Во рамки на свеченоста, покрај обраќањата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски, се изврши и примопредавање на должноста началник на генералштабот помеѓу генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и генерал-мајор Сашко Лафчиски кои исто така се обратија на присутните.

Покрај читањето на Указите од преседателката Сиљановска Давкова, се изврши и церемонијално предавање на военото знаме на генералштабот со што официјално генерал-мајор Сашко Лафчиски застана на чело на Армијата како дванаесетти началник на генералштабот.

Силјановска за Денот на АРМ: Денешниот празник е потсетување дека никој нас не не ослободувал туку сами се ослободивме

– Денешниот празник е потсетување дека никој нас не не ослободувал туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народноослободителна војна…Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на Армијата сте вистинските чувари на наследството, слободната македонска држава која пред 80 години на АСНОМ ни ја оставија нашите храбри претци, истакна во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова.

Таа посочи дека припадниците на Армијата се тука, дома, секогаш и секаде каде е најпотребно пружајќи безрезервната поддршка на македонските гражани и институциите во справувањето со елементарните непогоди какви што се пожарите кои траат периодо, но исто така дека 180 припадници на армијата во моментов се ангажирани во мировни мисии и операции на НАТО допринесувајќи и за пошироката безбедност.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека во сите овие изминати години развој на Армијата сите ние сме сведоци на пожртвуваноста на овие лица кои секогаш биле и се на браникот за заштита на своите сограѓани, во пожари, поплави, пандемија, кризни состојби. Тоа се овие лица околу нас, кои дале заклетва и тоа не било каква, туку заклетва на која се заколнале дека ќе ја бранат слободата, сувереноста и територијалниот интегритет на нашата татковина. Па, има ли нешто посвето од ова! И токму затоа од срце, искажувам признание и огромна благодарност за нивната определба.

– Она што ни претстои во нашата работа за одржување на стабилна и безбедна држава, но и за зачувување на мирот во глобални рамки е изработка на нови стратешки документи, нова Стратегија за одбрана, ажурирање на Долгорочниот план за развој на одбранбени способности и на Планот за опремување и модернизација. Ќе продолжиме да инвестираме во одбраната, затоа што наша примарна обврска е заштитата и безбедноста на нашите граѓани, на Македонија, истакна министерот Мисајловски.

Воедно тој ја истакна и важноста на сите други институции од сферата на безбедноста но и заштитата и справување со природни катастрофи и потребата за инвестирање во оваа значајна сфера.

Мисајловски: Остануваме посветени во надградба и проширување на капацитетите на Армијата

Досегашниот началник на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој беше на чело на Армијата во два мандати во изминатите шест години во својот говор истакна дека во овој период се спроведени реформи и трансформации во Армијата со кои таа стана ефикасна, мобилна, мотивирана и борбено подготвена.

– Војници и старешини бидете горди на достигнувањата, работевте и продолжете, совесно, одговорно и професионално, тоа е наша обврска и патриотски долг кон татковината,но и завет на нашите славни Илинденци и Асномци. Времето ќе покаже дали и колку е направено за животниот стандард и условите за живот и работа, но и за достигнатиот степен на борбена готовност, истакна Ѓурчиновски.

Тој упати порака на новопоставениот началник на генералштабот порачувајќи да грижејќи се за сите во Армијата, да продолжи да одржува висок степен на борбена готовност.

На крајот тој изрази благодарност за соработката и поддршката кон Армијата, до сите Врховни команданти, влади и министри со кои соработуваше во изминатиот период.

Новопоставениот началник на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, најпрвин во своето обраќањето искажа длабока благодарност до сите припадници на Армијата кои и безкомпромисно се справуваат со пожарите низ републиката. Говорејќи за својата нова функција истакна дека претставува голема честа да се командува и раководи со Армија чии припадници се наследници и чувари на традициите од нашето славно минато. Наследници на илинденците, партизаните и на сите наши јунаци кои се вградија во темелите на државата.

– Голема е честа да се биде на чело на институцијата која што е синоним за вредности и принципи, институцијата кадешто мултиетничноста, моралот, етиката, припадноста и патриотизмот се вградени во генот на секој припадник. И секако, огромна e честта да се биде на чело на институцијата која што ужива најголема доверба кај нашите граѓани, рече генералот Лафчиски.

Притоа изрази уверување до државното раководство, и граѓаните дека ќе го вложи целото знаење, искуство и професионализам во исполнувањето на мисијата на Армијата. Но воедно истакана дека сојузниците може да бидат сигурни дека ќе продолжи со исполнување на обрските согласно НАТО целите на способност со што остануваме верен сојузник подготвен да допринесе во колективната безбедност. Обраќајќи се до припадниците на Армијата истакна дека им служиме на граѓаните и секогаш мора да бидеме достојни за нивната доверба.

– Затоа очекувам од секој од вас, да ги одржувате највисоките стандарди на интегритет во сите негови форми, истакна генералот Лафчиски.

На свеченоста присуствуваа и министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Република Македонија, Командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт дипломатскиот кор во Републиката, воени претставници од Норвешка и други гости. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука