ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан од денеска во дводневна официјална посета на Република Македонија и Охрид

Охрид, 26. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот на Унгарија Виктор Орбан, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Тој ќе се сретне со македонскиот колега Христијан Мицкоски во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација. За утре е најавена и заедничка меѓувладина седница, а на маргините на посетата, најавено е Орбан да посети неколку од знаменитостите на Охрид како црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум. Предвидено е премиерите на двете земји да положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Во Охрид полицијата ги презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ денеска и утре ќе биде забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид-Св. Наум. Во координација со Локалната самоуправа екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ се спроведе акција за чистење на плажите на потегот меѓу автокампот „Љубаништа“ и реката Черава. Сопствениците на патнички и други моторни возила треба да ги дислоцираат возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самуил“ и кеј „Македонија“.

Орбан во 2013 година беше во официјална посета на земјава, кога го доби Орденот „8-ми Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Република Македонија и Унгарија. (Крај)

извор: МИА/ОхридПрес фото: архива/ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука