Македонија

Половина метар снег на скијачките терени на Кожуф

Кавадарци, 4. јануари 2016 (ОХРИДПРЕС) – Околу половина метар изнесува снежната покривка на скијачките терени на планината Кожуф, информира извршниот директор на компанијата ски-центар Кожуф Ангел Наков, која е со седиште во Кавадарци.

Како што нагласи Наков, се уште нема услови за нормално скијање, бидејќи патот до центарот е затворен за сообраќај поради свлечишта, а во населбата има триесетина сантиметри снег.- Поради елементарни непогоди, одрони и свлечишта, патот беше затворен за сообраќај од страна на неколку надлежни институции. Тоа беше заедничка одлука на Јавното претпријатие за патишта, Министерството за транспорт и врски и Државниот инспекторат за транспорт, рече тој.

Наков го пренесе ставот на надлежните дека теренот има сложен геолошки, геомеханички состав и дека одредени активности за санирање на состојбата се веќе преземени. Направен е стручен увид на лице место и констатирано е дека треба да се преземат дополнителни мерки и активности кои подразбираат градежни зафати од поголем обем. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука