Избор Свет

15 години затвор за екс шефот на бугарската разузнавачка служба

Софија, 23. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Кирчо Киров, поранешниот шеф на бугарската разузнавачка служба, е осуден на 15 години затвор за злоупотреба на 3,19 милиони долари од јавните фондови во периодот од 2007 до 2011 година.

Ова е втора пресуда против Киров, кој во 2015 година во друга судска постапка беше осуден на десет години затвор, на која се пожали.

Обвинителството наведува дека Киров им наредил на своите подредени да изработат лажна документација за да може да се пренасочат средствата од буџетот на разузнавачките служби.

Киров се изјасни за невин и најави дека ќе поднесе жалба и по најновата пресуда, која ја оцени како политички мотивирана кампања со цел да се убедат меѓународните фактори и европските партнери на Бугарија дека во земјата се води успешна борба против корупцијата. Бугарија, која неодамна го презеде шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ, често е критикувана од страна на Унијата затоа што не им суди на високи функционери за вмешаност во корупција.

Киров беше разрешен од челната позиција на националната разузнавачка служба во 2012 година, по девет години минати на таа позиција. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука