COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Од утре стапуваат на сила новите мерки со кои на невакцинираните им се забранува влез во кафеани и на настани

Скопје/Охрид, 15. август 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од утре, 16-ти август стапуваат на сила новите рестриктивни мерки според кои во угостителските објекти и на настани ќе може да влезат вакцинираните граѓани, а според дополнувањето и оние кои прележале Covid-19 во изминатите 45 дена.

Тоа значи дека се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза. Ќе има редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, но и за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено. Мерката се однесува на лица над 18 годишна возраст.

За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот. Дозволено е да работат терасите со 50 проценти од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители. Хотелите остануваат да работат со полн капацитет и по 16-ти август, само со служење пансион, во затворен простор, без потврда за имунизација од Covid-19.

– Тој период е за да поминат неопходните 30 дена по оздарвувањето, 15 тина дена да се организира вакцинацијата. Единствено решение е да се зголеми опфатот со вакцинација, верувам граѓаните ја разбраа пораката за мерките и сакам да им се заблагодарам. Ако граѓаните имаат дилема сакам да ги охрабрам да одат да се вакцинираат, тоа е начинот со којшто ќе постигнеме колективен имунитет, ќе имаме нормален живот, ќе може да функционираме, да живееме, да работиме, да бидеме продуктивни и да ги вратиме назад нашите животи. Доказ за тоа е дека популацијата на вакцинирани граѓани, заболува во исклучително мал процент, порача вчера министерот за здравство д-р Венко Филипче од Охрид.

Тој додаде дека со оглед на наглиот раст на бројот на новодијагностицирани и хоспитализирани со Covid-19 во следните недели, ситуацијата може да биде критична, но здравствениот систем е подготвен за новиот бран.

Според последните, официјални информации од Министерството за здравство на Република Македонија, во текот на последните 24 часа се направени 9.270 тестирања, при што се регистрирани се 792 нови случаи на Covid-19. Вчера во Охрид се регистрирани 23 новозаболени лица.

Во меѓувреме, се’ побројни и погласни се повиците на социјалните мрежи за протест, кој според најавите ќе се одржи вечерва на Градскиот плоштад во Охрид против „мерките за одземање на основните човекови права и слободи“.

– Сите вие кои што се чувствувате обесправени од овие наметнати фашизоидни мерки што се косат со сите граници на демократија и човечки слободи, сега е моментот тоа и конечно да го покажете. Доста седевме дома и глумевме отпор со пишување статуси и споделување слики. Време е да дадеме активен отпор во овие неподносливи времиња. Вакцинирани, невакцинирани, сите заедно, затоа што ако сега мирно потклекнеме, само ќе потврдиме дека натаму можат да прават што сакаат со нас, без да мрднеме со прст, ќе сме подолу и од овци. Нашето тело е наше лично право!!! Доста со двојните аршини… време е да се свестиме, размислете логички и со своја глава. Скоро две години разноразни експерименти поминаа, сите безуспешни (верувам за нив успешни), во името на „наша заштита“, стои во повикот објавен на социјалните мрежи.

Протестот ќе започне во 19:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука