ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Струга ТОП ВЕСТИ

Повторно запалена трска во Струга, стружани видно револтирани бараат одговорност (Видео)

Струга, 23. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Само два дена откако беше запалена поголема површина со трска во Струга, денеска повторно е регистриран ваков случај, по што струшката јавност повторно излезе со силни реакции на осуда на социјалните мрежи.

– Веќе неколку пати безмилосно се пали трската во Струга, никој не презема одговорност ниту се прави нешто за да се фатат сторителите. Ниту локалната власт предводена од Мерко, ниту МВР, обвинителството, буквално никој. Трската е исклучително важна за биодиверзитетот на езерото, таа е дом за гнездење на различни видови на птици, а нејзиното уништување значи и уништување на живеалиштата на животинскиот свет, на нивниот простор за безбедно размножување, особено на рибите. Уништувајќи ја трската се уништува живот. Овој проблем не е од сега, палењето на трската е нотирана и во извештајот на УНЕСКО. Проблем е што никој не реагира, ниту прави нешто за да го спречи ова. Прашањето е, која причината за сето ова? Можеби нови дивоградби, кафичи, спортски сали, згради или слично? За апетитите на властите ќе го ризикуваме нашето езеро и животот во него? Апелирам веднаш да реагира Министерството за животна средина, МВР, обвинителството и локалната власт, доколку таа не го аминува сето ова. Ова веднаш мора да запре, напиша на неговиот профил пратеникот Јован Јаулески.

Стружани со право реагираат на овие немили настани и со право бараат одговорност. По претходно добиена медиумска информација за опожарување на трските во Охридското Езеро во близина на струшкото село Калишта, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) спроведе вонреден инспекциски надзор и поднесе барање за покренување Кривична постапка до Јавно Обвинителство во Струга за сторено кривично дело: Загадување на животна средина и природата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива видео: Јован Јаулески

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука