COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Од утре се укинуваат маските за основците, нема повеќе сертификати на терасите од кафулињата

Скопје, 29. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – По две недели од предлагањето, Владата на Република Македонија ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, со која основците нема да мораат да седат со маски на часовите, а се прифати и предлогот за укинување на сертификатите на терасите од кафе баровите.

Учениците во основните училишта од утре ќе може да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски. Прифатена е и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите. Укинато е задолжителното поседување сертификати за посета на терасите од кафулињата, што значи дека од утре на невакцинираните лица нема да им се бара сертификат на отворено.

Долготрајноста на владините процедури периодов и тоа што одамна експертите ги изнесоа предлозите предизвика забуна кај граѓаните, особено кај родителите. Дел од нив на социјалните мрежи тврдат дека нивните деца и досега оделе на училиште без маски.

Во меѓувреме, лекарите сметаат дека не треба да се одолговлекува со носењето на конечни одлуки.

– Политичарите треба да бидат свесни дека членовите на Комисијата за заразни болести се оние кои знаат во даден момент како точно треба да се постапи, вели Д-р Илчо Ефкоски.

Во меѓувреме, кривата на заразени е во слободен пад, а картата на градови која ја означува инциденцата, односно бројот на нови случаи по единица време, веќе одамна не е црвена. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје последната недела за разлика од претходната повеќе се тестирало, а сепак процентот на заразени е намален за 7,5 отсто и регистрирани се без малку 1.700 нови случаи. Намалување се бележи речиси во целосната статистика, вклучувајќи ги и хоспитализациите каде се регистрираат само 84 пациенти што е 24% споредено со претходната седмица. Единствено зголемување има кај смртните случаи – за седум дена 17 лица починати, што е за 13 проценти повеќе од неделата пред изминатава.

Инаку, за крај на мерките во последниот период се одлучуваат голем број на земји, дури и кај оние каде кривата на заболени расте. Последна во низата земји кои најавија отпуштање на заштитниот ковид обрач е Грција чии власти имаат план до Велигден да ги олабават, а до лето да ги укинат мерките. (Крај)

извор: Канал 5 фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука