ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

По реакциите на граѓаните, отстранета лимената ограда на дел од кејот, кај „Мазија“

Охрид, 30. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – По реакциите на граѓаните денеска беше отстранета лимената ограда на дел од кејот, на потегот кај „Мазија“.

Пред неколку дена беше саниран и делот каде недостасуваа бехатон плочки, по што овој потег е комплетно прооден, во пресрет на сезоната.

Иако за минатата пролет беше најавена „офанзива“ во работите, до реконструкција на Градскиот кеј во Охрид, сепак до овој момент не дојде. Веќе подолго време ја нема и таблата на која беше наведен проектот и изведувачот на работите.

Минатата локална власт информираше дека за овој проект Општина Охрид има правосилно одобрение за реконструкција со сите соодветни постапки, а за реализација на проектот за реконструкција на кејот, Општина Охрид доби 38 милиони денари од Владата.

Во последниот нацрт-извештај УНЕСКО ја оспори реконструкција, по што дојде до измени во проектот. Од одлуката на УНЕСКО ќе зависи и реконструкцијата.

Читатели на OhridPress во повеќе наврати ни испраќаа слики од лимената ограда која беше поставена на овој дел од кејот, кај „Мазија“. Истата остана на ова место од почетокот на минатата година и сведочеше за реконструкцијата во најава.

Работите на реконструкција на Градскиот кеј на „пауза“, се чека одлуката на УНЕСКО, граѓаните предлагаат да се тргне лимената ограда кај „Мазија“

Тие побараа од надлежните да се дислоцира лимената ограда, додека не се почне со работа, бидејќи само го попречува нормалното движење на пешаците во овој фреквентен дел од градот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука