Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: На автопатот Кичево-Охрид 95% е решена експропријацијата, направена е пренамена на земјиштето, градежната оператива е на терен

Скопје/Охрид, 29. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – На автопатот Кичево-Охрид се расчистени сите постапки произлезени од лошото проектирање, а во тие рамки се допроектираа клучките и косините, се реши експропријацијата речиси 95 отсто, направена е пренаменета на земјиштето исто така, градежната оператива е на терен и се заврши асфалтирањето на најдолгиот тунел во државата од два километри.

Ова во интервју за порталот Фронтлајн го истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој најавува уште позасилено темпо на градба во должина од 110 км автопати од коридорот 8 и коридорот 10. Во нив спаѓа делницата Прилеп-Битола од коридорот десет и од коридорот осум Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево и Требеништа-Струга-Ќафасан.

– Како партнерски држави заедно со Албанија, Бугарија и Италија успеавме пред Брисел коридорот осум да го доведеме на ниво на главен Паневропски коридор кој досега беше третиран како спореден. Со тоа сега можеме да очекуваме и повеќе средства од ЕУ и за пругата од тој коридор, вели Бочварски.

Во меѓувреме, изградбата на автопатот Кичево-Охрид останува топ тема во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе.

Екипа на OhridPress вчера направи обиколка на потегот до селото Требеништа каде се изведуваат градежни работи.

Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски неодамна изјави дека очекува автопатот Кичево-Охрид да се заврши во предвидениот рок до 31-ви декември 2023 година. Оваа најава на прес конференција во Владата ја потврди и премиерот Димитар Ковачевски.

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во далечната 2014 година. Првично требаше да биде готов во 2018 година, за потоа рокот да се помести до јуни 2021 година, па сега до крај на 2023 година. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата стана двојно повисока. (Крај)

извор: Фронтлајн/ОхридПрес фото: архива/ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука