Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерот Османи денеска во Софија, со Милков ќе го посетат повредениот Христијан Пендиков

Скопје/Софија, 22. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за надворешни работи во Владата на Република Македонија, Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Софија, при што заедно со министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, заеднички ќе го посетат повредениот македонски државјанин Христијан Пендиков, кој беше физички нападнат во четвртокот во Охрид.

Од кабинетот на министерот информираат дека посетата ќе била искористена за да се разменат мислења за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од сличните провокации.

За охриѓанецот кој го претепа Христијан Пендиков е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а за другите двајца кои присуствувале на инцидентот се’ уште се води постапка. Според Обвинителството, на 19-ти јануари во кафе бар во Охрид, осомничениот пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите „не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил.

Полицијата вчера приведе тројца охриѓани осомничени дека физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид. Инцидентот го осудија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и нивните бугарски колеги, Румен Радев и Галаб Донев, а Делегацијата на ЕК во Скопје, и побараа од властите да го истражат случајот.

Извори од истрагата за МИА потврдија дека против Х.П. на 17-ти декември 2022 година полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, според член 215 од Кривичниот законик.

– При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин, информираа тогаш за настанот од СВР Охрид.

Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, со бугарскиот владин авион пред два дена беше пренесен на лекување во Воено-медицинската академија во Софија. Вчера напладне пред зградата на Европската комисија во Софија се одржа протест за поддршка на Пендиков.

Според бТВ, повредениот се наоѓа интензивна нега на ВМА во Софија и утре ќе биде опериран. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука