ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

30 дена притвор за охриѓанецот кој го претепа Христијан Пендиков

Охрид, 21. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – За охриѓанецот кој го претепа Христијан Пендиков е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Одлуката ја донел Судот во Охрид, а по барање на надлежен јавен обвинител кој достави предлог за определување мерка притвор за 24-годишниот охриѓанец, осомничен за кривично дело тешка телесна повреда, јави Тв Алсат М.

За другите двајца кои присуствувале на инцидентот се’ уште се води постапка. Според Обвинителството, на 19-ти јануари во кафе бар во Охрид, осомничениот пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите „не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил.

– Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот, соопштија од државното Јавно обвинителство.

Полицијата вчера приведе тројца охриѓани осомничени дека физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид. Инцидентот го осудија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и нивните бугарски колеги, Румен Радев и Галаб Донев, а Делегацијата на ЕК во Скопје, и побараа од властите да го истражат случајот.

Извори од истрагата за МИА потврдија дека против Х.П. на 17-ти декември 2022 година полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, според член 215 од Кривичниот законик.

– При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин, информираа тогаш за настанот од СВР Охрид.

Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, вчера со бугарскиот владин авион „Фалкон“ беше пренесен на лекување во Воено-медицинската академија во Софија. Денеска напладне пред зградата на Европската комисија во Софија се одржа протест за поддршка на Пендиков.

Според бТВ, повредениот Пендиков е на интензивна нега на ВМА во Софија и в понеделник ќе биде опериран. (Крај)

извор: Тв Алсат М/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука