ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Прекрасни фотографии од Поградец каде мразот „окова“ дел од објектите на првата езерска линија (Фото)

Поградец, 6. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Фотографот Artin Halili утрово објави прекрасни фотографии од другата страна на езерото, во Поградец, каде ниските температури направија регионот да изгледа далеку од она на што сме навикнале.

Ако утрово само мал дел од езерото во Охрид беше „окован“ во мраз, што го регистрираа и репортерите на OhridPress, од другата страна на Охридското Езеро, сепак имаме посериозна слика.

На фотографиите може да се види дека дел од инфраструктурата на објектите кои се на првата езерска линија се буквално оковани во мраз.

Според експертите, оваа појава нема никакво негативно влијание врз растителниот и животинскиот свет. Охридското Езеро, за разлика од Дојранското, кое е во групата на умерени езера спаѓа во групата на суптропски езера. Дојранското може и целосно да замрзне, а тоа не може да се случи со Охридското, освен во случаи на исклучително ниски температури и огромни промени на времето.

Метеоролозите за денеска во Охрид најавуваат променливо облачно и многу студено време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура се спушти до -8, додека максималната дневна температура се очекува да се искачи до -1. степени.

– Денес ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60км/ч). Во следните денови ќе се задржи стабилно и студено време со температури кои ќе бидат под просекот за овој период од годината. На места минималните температури ќе се спуштат и под -10 степени, а и дневните ќе бидат под нула до среда, а потоа ќе имаат тенденција на постепен благ пораст, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес/УХМР фото: Artin Halili

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука