Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Jim Solatie со посебен систем антени и DX-слушање го слушаше Супер радио во далечната Финска (Видео)

Охрид/Еспо, 13. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска, на Светскиот ден на радиото, 50-годишниот Jim Solatie, преку маил до редакцијата на охридското Супер радио, информираше дека со посебен систем антени и т.н. DX-слушање успеал во неколку наврати да го слуша Супер радио во градот Еспо, во далечната Финска.

Во денешно време, кога сите медиуми се online и можат да се слушаат преку интернет е многу лесно, но со ваков, посебен систем на антени, да се слуша локална FM радио станица на далечина од близу 3.000 километри е рамно на чудо.

– Здраво и поздрав од Финска. Ви благодариме многу за вашата прекрасна програма. Беше големо задоволство да се слуша Супер радио на 97,0 MHz овде во Финска. Имам 50 години, оженет, татко на две прекрасни деца и работам со компанија за маркетинг истражување како извршен директор. Моето омилено хоби е спорт и слушање странски радио станици (DX-слушање). Работам со водечки медиумски компании во Финска, вклучувајќи online медиуми, печатени, ТВ и радио. За мене е исклучително интересно и ми е некој вид хоби да слушам странски радио станици. Всушност, радиото и професионално и лично ми е најомилен медиум, со кој поминувам поголем дел од времето. Радиото едноставно ве допира насекаде, е многу корисно и е многу забавно за слушање. Недела, 26-ти јуни 2022 година беше исклучителен ден. Вселенските временски услови (ES-слојот во горната јоносфера) беа активни и многу јужноевропски FM станици се слушаа во Финска, вклучувајќи го и Вашето Супер радио. Приемот беше возможен само за кратко, но и тоа исклучително ме израдува. Беше фантастично да се слуша вашата станица овде во Финска, пишува Jim Solatie, за кого и за неговата група пријатели кои уживаат во ова хоби пишуваше и BBC.

Jim ги сподели и техничките карактеристики за тоа како и со која техника успеал да го добие сигналот:

Датум: недела, 26 јуни 2022 година
Време: 10:12 часот, главен град Скопје, годишно време: лето
Фреквенција: 97,0 MHz
Радио и антена: Персеј FM приемник со јаги антена од 12 елементи
Квалитет на прием: умерен до добар квалитет на прием за момент

– Беше одлично да го фатам вашиот сигнал и се надевам дека снимката е интересна и за Вас. Се надевам дека ќе уживате во слушањето на аудио клипот исто како што јас уживав во слушањето на Вашата станица, додава Jim.

Во градот Еспо, тој заедно со група ентузијасти имаат DX-клуб наречен EDXK (Espoon DX-kuuntelijat) со околу 25 активни членови. Тие држат месечни состаноци и организираат DX-експедиции, DX-шоуа, објавуваат DX-магазин заедно со други DX-клубови итн. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука