Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридските пекари апелираат на разбирање: Од државата не добиваме субвенции, работиме рачно со фурни на дрва, нашиот леб тежи 600 грама, а не ставаат во ист кош со големите производители

Охрид, 2. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува конфузијата во јавноста откако веќе втор ден во продавниците не се испорачува или се испорачуваат мали количини бел и полубел леб, откако Владата на Република Македонија завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари.

Охридските пекари почнаа да се огласуваат, откако редакцијата на Супер радио и OhridPress веќе два дена до нив испрати барање за официјален став. До овој момент, од поголемите произведувачи на леб во градот не излегоа со официјален став.

Од фурна „Настоски“ кои полни 30 години произведуваат леб печен на дрва со тежина од од 600 и 1.200 грама велат дека нивното производство е рачно, дека се потребни обучени пекари, тешко се доаѓа до дрва и дека истите се плаќаат по многу висока цена.

– Она што мораме да потенцираме е дека ваквиот тип на фурни не се субвенционирани и не треба и не смее да се ставаат во ист кош со големите производители. За нас важат истите мерки како и за индустриските пекари. Не може леб од 450 грама и од оној од 1 килограм и 200 грама да се продава по иста цена. Во моментов имаме и над 60.000 отпечатени кеси за паковање со декларации на постоечката тежина на лебот. Ние во моментов, лебот од 600 грама го продаваме по цена од 50 денари, што значи дека одиме со 150 грама повеќе од она што се прифаќа како норма. Ако нашиот леб би бил со таа тежина, скоро и да стигнуваме до цената која е препорачана, но сепак тоа не е решение. Според нас, во моментов, единствено решение е да се намали тежината на лебот, а со тоа ќе го изгуби традиционалниот изглед и вкусот. Им се извинуваме на купувачите за застојот во дистрибуцијата и се надеваме дека ќе се изнајде најбрзо решение.

Од фурната „Антомос“ од Охрид велат дека нивната лојалност кон потрошувачите е голема, па затоа ќе го доставуваат нивниот производ но, со намалена грамажа, и цена, како што побара Владата, дури и без добивка.

Додаваат дека нивните производи се продаваат во тежина од 550 до 600 грама.

– Чувствуваме одговорност да Ви се извиниме заради недостигот на леб. И самите знаете дека тоа се случи по одлуката на Влада на Република Македонија, со што бевме опфатени и ние, а исто така би сакале да ве информираме, дека ние не сме од фирмите што зедоа субвенции, затоа што сме специјален домашен производ печен во фурна на дрва. Законот го донесоа преку ноќ, и важи за сите без исклучоци, и за тој што вработува 10 и за тој што вработува 200 луѓе, информираат од „Антомос“.

Во меѓувреме, на ниво на држава, пекарите велат дека остануваат на одлуката од понеделникот дека производство и испорака нема да има. Како што велат за МИА нивни претставници, подготвени се за разговор со надлежните институции, но тогаш кога ќе добијат официјална покана, а не „повик“ или „апел“ преку прес-конференција. Според пекарите, никој не треба да очекува дека ќе има леб за 20 денари. Цената не требаше да се замрзне зашто тоа, потенцираат, се коси со уставното право за слобода на пазарот, ниту требаше да се укине субвенционираната струја зашто мерката даде резултат. Леб за 32 до 35 денари имаше во малопродажбата, зависно од квалитетот и грамажата. Пекарската индустрија во оваа новонастаната ситуација, очекува поддршка од сите останати индустрии во земјава.

Денеска втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните. (Крај)

извор: ОхридПрес/МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука