ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Совинц: Проблемот со дивоградбите во Струга е најголем

Струга, 27. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Претставниците на Секретаријатот на Бернската конвенција одговорен за заштита на природното наследство, на Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска конвенција) и на УНЕСКО веќе два дена се во инспекција на Охридско-струшкиот регион за да им објаснат на локалните власти дека со непостапување по препораките го загрозуваат светското културно наследство во кое спаѓаат општините Охрид, Струга и Дебрца.

Тие денеска беа во Струга со надеж дека ќе ги разуверат надлежните дека најголемиот проблем таму се дивоградбите. Порачаа дека и Струга мора да ги почитува препораките за зачувување на статусот на Охридскиот регион, потенцирајќи дека бројот на дивоградби во струшко е голем, јави порталот мкд.мк.

– Претераната урбанизација мора да запре. Општина Струга мора да изнајде начин за развој на одржлив туризам. Струга е дел од Охрид, тоа не е различно подрачје, така што ќе се обидеме да објасниме дека може да има развој, може да има туризам, само дека ќе мораме сите, значи и оние кои се занимаваме со тоа, но и оние кои гледаат некаков напредок само во масовен туризам или градби дека мора да изнајдеме заеднички компромис, подрачјето да опстане како исклучително природно и културно наследство, изјави Андреј Совинц од Бернска конвенција.

Според него, проблемот со дивоградбите во Струга е најголем, и една од препораките, подвлече, ќе оди во правец дека треба да се најде некој кој ќе управува на терен.

– Една од препораките за Струга, но и за целиот регион е да се направи тело, кое на терен ќе управува со светското наследство во регионот и ќе ги спроведува сите препораки од еминентните конвенции и УНЕСКО. Не правење нови планови, нови комисии, кои ќе седат во канцеларии. Не. Потребно е едно тело, кое ќе управува со светското наследство во регионот. Имате најдобри планови, но сѐ е на хартија, мора да се имплементира. И потребно е воспоставување вистинска врска меѓу просторно планирање и управувањето со тие подрачја, додаде Совенц.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за целиот овој период тврди дека во Струга нема дивоградби.

– Сите добронамерни критики се добредојдени, но напоредно треба да се работи на развој на градот и искористување на потенцијалите, истакна Мерко по средбата со експертите.

За Охрид пак, експертите имаат четири клучни забелешки, а тоа се нелегалните градби, животната средина, Студенчишкото блато и урбанистичкиот план „Горица Север“. Експертите од градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков побараа заштита на мочуриштето кај Студенчишта односно да се стопира изградбата на пристаниште затоа што, како што велат, за две до три години блатото ќе исчезне, да се стави ред на дивоградбите долж езерото и дополнителна заштита на Охридското Езеро.

По средбите со градоначалниците експертите своите заклучоци ќе ги достават до општините како препораки кои во иднина ќе треба да се спроведат.

Следен состанок, што се однесува на Бернската конвенција, е веќе закажан за крај на декември, кога врз основа на увидот што претставниците ќе го направт деновиве, ќе добиеме дополнителни мерки и препораки за спроведување во следниот период. (Крај)

извор: мкд.мк фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука