Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерство за транспорт и врски: Лицемерни и неприфатливи се реакциите на Пецаков, тој постојано повикува на забрзување на работите на автопатот

Скопје/Охрид, 10. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Нејасни се реакциите на градоначалникот на Општина Охрид д-р Кирил Пецаков за стопирање на градежните работи на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид, стои во реакцијата на Министерството за транспорт и врски, откако Пецаков денеска излезе со критика на затворањето на влезот на Охрид и пренасочувањето на сообраќајот по стариот пат Охрид-Струга во текот на следните 45 дена.

– Поддршката од централната власт кон општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект. Оваа несфатлива реакција доаѓа од градоначалник од политичката партија која остави хаос на истиот автопат, а сега истите тие грчевито се борат тој автопат да не се изгради, реагираат од министерството.

Додаваат дека Пецаков треба да има во предвид дека се отстраниле сите проблеми на оваа делница кои ги затекнале од времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата.

– Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3.500 имотно правни пречки помеѓу државата и граѓаните. Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен. Кога веќе градоначалникот зборува за поддршка од централната влада сакаме да го информираме дека Владата преку ЈПДП оваа година ќе започне и со рехабилитација на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум за кој искрено се надеваме дека нема да биде противник за реконстукцијата и на овој патен правец, стои во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука