Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

И оваа година учениците ќе можат електронски да аплицираат за упис во прва година во средните училишта

Скопје/Охрид, 10. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со цел оптимизирање на целокупниот процес на уписи во средните училишта во Република Македонија, од Министерството за образование и наука информираат дека и оваа година преку дигитална услуга ќе се овозможи електронско аплицирање кое на учениците нема да им одземе повеќе од 15-тина минути.

– Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk. Регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките на schools.mk. Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/најава. За првото пријавување на учениците во конкурсниот рок, Порталот ќе биде отворен од 10-ти јуни 2023 година во 10:00 часот. Учениците ќе може да ги пополнуваат своите пријави (апликации) заклучно со 21-ви јуни 2023 година, најдоцна до 15:00 часот, после што системот ќе биде затворен за online аплицирање од ученици, информираат од министерството.

Додаваат дека во наведениот период, додека системот за аплицирање е достапен за учениците, тие ќе можат да вршат ажурирање, измени и дополнувања на своите пријави и да имаат увид во вкупниот број на поени од успехот, без поените од дипломите.

– Валидација на дипломите и внесување на поени од дипломите вршат комисиите од средните училишта. Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 22 јуни 2023 година на интернет страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk, односно на https://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 09:00 часот. Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 22-ри јуни од 12:00 часот до 19:00 часот и на 23-ти јуни од 07:00 часот до 19:00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето, стои во дописот од Министерството за образование и наука на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука