Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Со Ohrid Wine Fest ќе биде отворена туристичката сезона во Охрид, учество ќе земат над 20 винарии

Охрид, 21. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со учество на над 20 македонски винарии од утре до сабота ќе се одржи второто издание на охридскиот „Вино фест“, со што ќе се означи и почетокот на туристичката сезона.

Охриѓани и гостите ќе можат да вкусат квалитетно македонско вино, да уживаат во закуските и во одличниот избор на музика. Одзивот и критиките што ги добивме од минатата година беа на највисоко ниво, како од охриѓани така и од гостите, изјави градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Забавата ќе започнува од 18:00 и ќе трае до 01:00 часот.

– Музичката програма е исклучиво од домашни изведувачи со што даваме поддршка на домашната музика. Утре на отварањето на фестивалот на сцената ќе ги видиме Баклава, Миле Кузмановски и Куку Леле. Во петок настапуваат Luger, Brass Brothers, The Backdoor Band како и легендарните Нокаут, а в сабота настапува Александар Јосифовски, Фиц енд Д’ инвизиблс (Студени нозе Greatest hits) и Фанк Шуи. Сите денови резидент диџеј ќе биде RootBoy Selector. Годинава за разлика од лани увидовме дека е попрактично да ја започнуваме сезоната со ваков еден фестивал, притоа добивајќи на квалитет, додаде Пецаков.

Тој изрази надеж дека од година во година овој фестивал ќе расте како по број на винарии, така и по посетители, а негова желба е со Вино фест и во иднина да се означува почеток на сезоната.

Покрај познатите македонски вински компании, ќе се претстават и мали семејни винарии како од Охрид така и од Македонија, вели коорганизаторот на фестивалот Пане Темов.

– Посетителите по релативно добри и ефтини цени ќе може да пробаат различни вина. Ќе може да се дегустираат македонски сорти на вино, како станушина, вранец, темјаника… Ќе ги промовираме нашите македонски музичари, се надевам дека ќе биде посетено како и лани, рече Темов и додаде дека интересот кај македонските винарии бил поголем годинава, а за одредено време овој фестивал има шанси да стане регионален.

Ohrid Wine Fest ќе се одржува на кеј „Македонија“, пред поранешниот хотел „Палас“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука