Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Продолжуваат работите на влезот во Охрид, како дел од потегот до Подмоље (Фото/Видео)

Охрид, 2. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат градежните активности на патниот правец Подмоље-Охрид, кој денеска е на помалку од десет дена од рокот за завршување, кој го најавија одговорните.

Станува збор за делот од надвозникот кај влезот во Охрид, па неколку стотини метри натаму кон Подмоље.

Погледнете како вчера изгледаше овој дел од патот и како течеа градежните активности.

Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски неодамна истакна дека најдоцна до 10-ти јули, пред почетокот на шпицот на туристичката сезона, ќе биде готов и автопатот на потегот од Подмоље до Охрид, кој во моментов е затворен за сообраќај.

– На делницата од Подмоље до Охрид ќе се работи постојано колку што е потребно во текот на денот. Ќе се работи и преку викендите, бидејќи во претходните денови имавме лоши временски услови, и до 10-ти јули ќе ја завршиме изградбата на овој дел, рече Бочварски.

Тој неодамна, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, изврши увид во градежните активности на автопатот Охрид-Кичево, на делницата од Охрид до Подмоље.

– Реакциите во однос на времениот режим на оваа делница се неприфатливи во време кога привршуваат градежните работи, додаде министерот, притоа побара поддршка од општината и граѓанските здруженија да не ја кочат реализацијата на овој автопат, изјави министерот Бочварски.

Поради реконструкција на патниот правец Подмоље-Охрид, сообраќајот од неодамна се одвива по стариот пат Охрид-Струга, што предизвика големи реакции во јавноста, пред се’ поради безбедноста на овој патен правец, што се потврди и неколку дена по новиот сообраќаен режим, кога за само 24 часа се случија три сообраќајни незгоди. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука