Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Денеска продолжува судскиот процес во случајот Пендиков

Охрид, 12. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска треба да продолжи судскиот процес за физичкиот напад врз поранешниот секретар на сега укинатото бугарско здружение „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков.

На минатото рочиште охридското Обвинителство до судот достави дополнување на медицинското вештачење. Одбраната на еден од обвинетите Илија Спасески побара одложување на рочиштето за да се проучат новите докази, судијата Бојан Мартиноски не дозволи, по што адвокатите на обвинетиот ја напуштија салата. Обвинетиот Спасески рече дека сака да се брани со адвокат и побара одлагање, а нов термин за рочиште беше утврден 12-ти јули.

Пендиков на претходното рочиште прв пат се појави во охридскиот Суд. Во првата изјава за домашните медиуми по сите случувања од нападот врз него на 19-ти јануари годинава, Пендиков кој претходно тврдеше дека неговата безбедност во Македонија е загрозена, рече дека не се плаши да доаѓа на рочишта, додавајќи дека добивал бројни смртни закани.

– Сега сум подобар, иако има уште прегледи што ми следуваат. Се надевам дека ќе можам да патувам, на 12-ти јули сакам да го остварам моето право, треба да се соработува со судот. Не се плашам додека сум тука, ама не е убаво чувството да добивате по 20-30 смртни закани преку социјални мрежи, изјави Пендиков на 31-ви мај.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19-ти јануари во кафе-бар на Кејот на Охридското Езеро во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје.

На почетокот на мај Пендиков стана бугарски државјанин, а церемонијата се одржа во салата во која вообичаено претседателот на Бугарија врачува ордени и пречекува странски делегации.

Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“. Откако беше претепан, Пендиков беше префрлен со бугарски владин авион во Софија каде што беше лекуван, доби стан и полициска заштита.

Против него, се води и предмет во охридското обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука