ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Намален бројот на интервенции на охридските пожарникари споредено со лани, заклучно со јуни интервенирале 127 пати

Охрид, 25. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во првите шест месеци од годинава охридските пожарникари бележат помал број интервенции, споредено со истиот период лани.

Заклучно со 30-ти јуни 2023 година, забележани се 127 интервенции за гаснење на пожари на објекти, отворен простор и на сообраќајни средства, за разлика од лани кога сме имале 148 интервенции, вели за Супер радио и ОhridPress командирот на охридската Територијална противпожарна единица Борко Јанкулоски.

– Заклучно со денес, 25-ти јули, во овој месец имаме интервенирано на 9 пожари, од кои 4 на отворен простор останатите на објекти и возила. Ова е некоја добра бројка, помала од лани. Во оваа половина година имаме зголемување во однос на интервенции при сообраќајни незгоди, особено на патниот правец Охрид-Кичево, сакам да упатам апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат патната сигнализација, со цел да се избегнат тие несреќи, рече Јанкулоски.

Додава дека моментално состојбата е стабилна и нема посериозни интервенции, но само при мало невнимание состојбата може да се промени. Ова особено се однесува за сезоната на жетва, кога обично се започнува со палење и чистење на стрништата. Јанкулоски апелира до земјоделците да не ги практикуваат тие старомодни методи за чистење на нивите.

Охридските пожарникари, особено деновиве, ќе бидат ангажирани околу обезбедување на бројните концерти, културни, спортски и други манифестации, типични за овој период од годината. Од 2017 година пожарникарите спасители имаат добиено статус на овластени службени лица, па за таа цел изработени се службени легитимации за пожарникарите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука