ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Јанкулоски: Што поскоро набавка на пловен објект за интервенции на пожари од вода, потегот кон Св. Наум најкритична точка

Охрид, 25. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Справувањето со евентуална огнена стихија на потегот кон Св. Наум и во стариот дел на градот е рак рана годиниве наназад, особено во текот на летните месеци.

Секоја година, особено пред и во текот на сезоната се зборува за неопходноста Охрид, како туристички град да има пловен објект за интервенции на пожари од вода.

На ова поле засега нема ништо ново, а е важен сегмент во целокупното работење на охридската Територијална противпожарна единица.

Командирот на охридската Територијална противпожарна единица Борко Јанкулоски во изјава за Супер радио и OhridPress вели дека најкритична точка е потегот кон Св. Наум за каде во одредени периоди од денот практично е невозможно физички да се стигне со противпожарно возило.

– Апелирам до надлежните служби да се заинтересираат, заеднички да изнајдеме некое решени, да се направи проект, да се набави противпожарно бротче, за гаснење од вода. Истото би служело за потегот Трпејца, Љубаништа, Св. Наум, како и за стариот дел на градот кон Канео. Во ваква ситуација пристапот со возило сега ни е ограничен, а вака со пловен објект би стигнале навремено и би се реагирало побрзо, потенцира Јанкулоски.

Состојбата во стариот дел на градот е приказна за себа, има делови што се речиси недостапни за поголеми противпожарни возила, а проблем претставуваат и автомобилите кои граѓаните ги оставаат на улица, како и збиениот тип на куќи.

За да не се доведеме во ситуација да се случат насакани настани, па дури потоа да почне посериозно да се размислува на оваа тема, надлежните посериозно да ја разгледаат потребата од набавка на вакво пловило за Охрид како сериозна туристичка дестинација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука