Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Затворениот базен во Охрид се гради скоро исто колку и автопатот, едно време се размислувало и за пренамена во болница

Охрид, 26. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Едно време некој дури сметаше дека не ни треба затворен базен, дека требало да се гради на таа локација болница, изјави синоќа градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков во емисијата „За или против“ на националната телевизија Алфа.

– Иста е состојбата со автопатот, кој отпочна да се гради скоро во исто време како и базенот. Двете работи се потребни, Охрид е град на вода, децата сакаат да пливаат, но за тоа се потребни услови, конкретно за базенот. По преземањето на власта двете овие работи ќе бидат завршени, напомена Пецаков.

Во меѓувреме, работите на базенот во соседна Струга се во завршна фаза, а затворениот базен во Охрид е се’ уште недовршен и покрај слатките зборови и ветувања кои ги слушаме долги години.

Првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски кон средината на август минатата година најави дека тогаш, од 1-ви септември ќе продолжат градежните работи на затворениот пливачки базен во Охрид и се очекува дека до март или април месец оваа, 2023 година тој да биде готов.

Работите биле запрени поради проблеми со изведувачот „Бауер БГ“.

Објектот започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Но, од тоа ништо. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…

Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука