ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнува новата учебна година, во Охрид годинава 456 првачиња, 83 помалку од минатата година

Охрид, 1. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Започнува новата 2023/2024 учебна година за основците и средношколците во охридските училишта кои подготвени ги отвораат вратите за учениците.

Во Охрид годинава се запишани 456 првачиња, односно 83 помалку од учебната 2022/2023 година кога во Охрид образованието го започнаа 539 првачиња.

Во средно образование и овојпат поголем интерес имаше за стручните училишта.

Градските советници на последната 31. седница ги усвоија Предлог одлуките за давање мислење на Програмите за изведување на училишните екскурзии и други слободни активности во учебната 2023/2024 година и Предлог-oдлуката за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 20 ученици за основните училишта во општина Охрид. Беа усвоени и Предлог-одлуките за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 25 ученици во ОСУ „Св. Климент Охридски“, СОСУ„ Св. Кирил и Методиј“ и во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Што се однесува до учебниците ресорниот министер Јетон Шаќири рече дека ќе доцнат само учебниците за шесто одделение и тие ќе се распределуваат во училиштата штом бидат одобрени и се очекува да стигнат до крајот на септември.

Новата учебна година ќе трае до 17-ти јуни, а учениците ќе имаат и пролетен распуст од 29-ти април до 5-ти мај. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука