Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Професорот Владимир Роме од Битола со вистинска лекција за сите: „Овде нема правда“ (Видео)

Битола/Охрид, 16. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Оооо професоре, па и ти умеш да га завучеш, онако професорски… Ова беше една од легендарните реплики на Никола Којо во култниот филм од 1996 година на Срѓан Драгојевиќ „Лепа села лепо горе“.

Професорот Владимир Роме од техничкото училиште во Битола ни одржа вистинска лекција на сите нас, помлади по години од него, а постари по дух, кои се’ уште од којзнае кои причини го чуваме кубурот за кога ќе дојдело полошо доба.

Секоја чест за него и неговата нова песна „Овде нема правда“, чиј текст треба сите добро да го слушнеме.

– Јас бев гитарист, член на групата „П.С. бенд“ и автор на музика и текст која постоеше до негаде 1989 година. За македонската радио телевизија снимивме четири композиции од кои првите две заедно со Дарко Мијалковски, а вторите со Миодраг Нечак- Микс. Песната „Не зборувај ништо“ беше хит на месецот на Македонско радио, а песната „Сети се“ беше седум недели на прво место на тогашната „Демо топ листа“ на Белградска 202-ка која ја водеше познатиот белградски гитарист Љуба Нинковиќ од групата „С времена на време“. Тој ме покани тогаш да бидам гостин во живо во студиото во Белград во емисија во која бевме гости јас и Рамбо Амадеус, вели Професорот Владимир Роме за Супер радио и OhridPress.

Додава дека пред 10 години ја снимил и песната „Срце скршено“ која имала две верзии, а втората, помирна верзија ја снимил во студиото на групата „Ареа“ во Гостивар, со аранжман на Ивица Брчиоски од „Ареа“. Вокалот беше на Јордан Џамс Ивановски од групата „План Г“, исто така од Гостивар.

– Последната песна „Овде нема правда“ ја снимив сега, почнав негде во јули, а ја завршив вчера. Соработката е со Раде Стаматов од групата „Гром“ од Битола која често настапува во Охрид (по мене еден од најдобрите гитаристи на овие простори). Тој овде се јавува како клавијатурист и програмер. Аранжманот е мој и на Раде. Павле Јаневски свири бас и е член на групата „Фонтана“, а вокалот е на Бранко Шпољариќ- Паљач од групата „Чоканче“. Голема помош имав и од моите пријатели Ивица Јорданов од Штип, гитаристот на „Морал“ и Владо Антевски од Гостивар, екс тапанарот на групата „Ареа“. Тие цело време ми беа поддршка, а нивните сугестии се веќе вметнати во „Овде нема правда“. Песната има и причина и повод, но за тоа не би зборувал. Таа кажува се’. Се надевам ќе има промоција на соодветен видео спот штом ќе се обезбеди спонзор, додава професорот.

Од синоќа во 21:00 часот кога е објавена песната до сега има повеќе од 2.800 прегледи на Facebook. Професорот Роме додава дека е затекнат од фидбекот што го гледа, не знае во моментов дали ќе се соберат како група и под некое име, но дека секако тоа ќе се случи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Владимир Роме

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука