Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Џабе бројчаникот: Рустеми за „Код“ откри дека автопатот Охрид-Кичево не може да биде завршен до Нова година

Скопје/Охрид, 12. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Автопатот Охрид-Кичево не може да биде завршен до Нова година, изјави за емисијата „Код“ на Тв Телма директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Ристеми.

Тој за телевизијата објави фотографии од свлечиштата кои се појавиле на патниот правец.

– Мостовите се завршени, но имаме големи проблеми со свлечиштата и треба да најдеме техничко решение за тие да се санираат. Свлечиштата се повторуваат по втор, а некои и по трет пат. Имаме 11 свлечишта каде треба да се направи сериозна анализа и техничка документација за стабилизирање на земјиштето, истакна Рустеми.

Тој откри дека проблемите се направени уште со првото проектирање на патот, дека не се проектирани косините како што треба и требало да се измени проектот во 2018 година, но не потенцира кој треба да ја понесе правната и финансиската одговорност.

– Ние влеговме во експропријација на земјиштето до новите граници, каде се појавија свлечиштата. После тоа требаше ново проектирање и стабилизирање на косините. За жал, можно е и по трет пат да се влезе во експропријација, истакна Рустеми.

Тој додаде дека експропријацијата не е комплетирана за целиот автопат Охрид-Кичево, но и дека и без тоа можеле да се изведуваат градежните работи на најголемиот дел од трасата.

Крајниот рок за договорот со кинеската компанија „Синохидро“ е 31-ви декември 2023 година.

– Не зборуваме за раскинување, туку за негово продолжување. Треба да имаме техничко решение за стабилизирање на сите косини и свлечишта. Ангажиравме и Фидик експерт кој ќе направи целосна анализа на договорот со сите последици. После тоа Владата и Собранието ќе одлучат како ќе продолжиме со проектот после Нова година, напомена Рустеми.

За проблемот со 11-те нови свлечишта кои ја одолговлекуваат изградбата на патот од Кичево до Охрид неодамна зборуваше и премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски. Тој отвори дилема дали кинескиот изведувач и неговите подизведувачи имаат капацитет да го завршат овој проект и дека тоа ќе биде предмет на анализа која што во моментов ја прави државната фирма за патишта. Истакна дека има ревизија во однос на финансиските аспекти и во однос на процедуралните аспекти. (Крај)

извор: Телма/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука