Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

„Код“: Кај Подмоље автопатот Охрид-Кичево поминува низ двор на куќа, сега е започната експропријација

Скопје/Охрид, 12. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Кај Подмоље, делницата на фамозниот автопат Охрид-Кичево поминува низ двор на куќа, па дури сега е започната експропријација, откриваат новинарите на емисијата „Код“ на Тв Телма, за кои директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Ристеми потврди дека автопатот Охрид-Кичево не може да биде завршен до Нова година.

Сите експропријации требало да завршат порано за да се овозможи непречена градежна работа. Рустеми откри дека проблемите се направени уште со првото проектирање на патот, дека не се проектирани косините како што треба и требало да се измени проектот во 2018 година, но не потенцира кој треба да ја понесе правната и финансиската одговорност.

– Ние влеговме во експропријација на земјиштето до новите граници, каде се појавија свлечиштата. После тоа требаше ново проектирање и стабилизирање на косините. За жал, можно е и по трет пат да се влезе во експропријација, истакна Рустеми.

Тој додаде дека експропријацијата не е комплетирана за целиот автопат Охрид-Кичево, но и дека и без тоа можеле да се изведуваат градежните работи на најголемиот дел од трасата. Крајниот рок за договорот со кинеската компанија „Синохидро“ е 31-ви декември 2023 година.


– Не зборуваме за раскинување, туку за негово продолжување. Треба да имаме техничко решение за стабилизирање на сите косини и свлечишта. Ангажиравме и Фидик експерт кој ќе направи целосна анализа на договорот со сите последици. После тоа Владата и Собранието ќе одлучат како ќе продолжиме со проектот после Нова година, напомена Рустеми.(Крај)

извор: Телма/ОхридПрес фото: архива видео: Телма

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука