Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Кај Подмоље автопатот Охрид-Кичево поминува низ двор на куќа, сега е започната експропријација

Охрид, 16. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата објавена во емисијaта „Код“ на Тв Телма дека кај Подмоље, автопатот Охрид-Кичево поминува низ двор на куќа и дека дури сега е започната експропријација на земјиштето е помеѓу најкоментираните деновиве на Facebook профилот на OhridPress.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Ристеми потврди дека автопатот Охрид-Кичево не може да биде завршен до Нова година. Сите експропријации требало да завршат порано за да се овозможи непречена градежна работа. Рустеми откри дека проблемите се направени уште со првото проектирање на патот, дека не се проектирани косините како што треба и требало да се измени проектот во 2018 година, но не потенцира кој треба да ја понесе правната и финансиската одговорност.

– Ние влеговме во експропријација на земјиштето до новите граници, каде се појавија свлечиштата. После тоа требаше ново проектирање и стабилизирање на косините. За жал, можно е и по трет пат да се влезе во експропријација, истакна Рустеми.

Тој додаде дека експропријацијата не е комплетирана за целиот автопат Охрид-Кичево, но и дека и без тоа можеле да се изведуваат градежните работи на најголемиот дел од трасата. Крајниот рок за договорот со кинеската компанија „Синохидро“ е 31-ви декември 2023 година.

Читателите на OhridPress се видно револтирани и бараат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Дел од нив тврдат дека експропријацијата на овој потег не е завршена во неколку случаи и дека предизвик ќе биде помошниот пат, и дека локацијата на бензинската пумпа и неможноста за дислокација е причината поради која не може да се најде брзо и соодветно решение за овој дел на патниот правец. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука