Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Не поминаа измените во Законот за игри на среќа, останува ветото на Пендаровски

Скопје, 14. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пратениците во Собранието на Република Македонија денеска не го заобиколија суспензивното вето на Претседателот Стево Пендаровски и со 51 глас за на повтореното гласање за законот не стигнаа до потребните 61 гласа за апсолутно мнозинство.

– За да биде усвоен Законот потребни се најмалку 61 глас ЗА, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон, стои во појаснувањето од кабинетот на собранискиот Претседател.

На почетокот на февруари годинава, пратениците во Собранието на Република Македонија го изгласаа законот за игри за среќа, казина и обложувалници на повеќе од 500 метри од училиштата, по што претседателот Пендаровски го искористи правото на суспензивно вето.

Со помош на дигиталните алатки на Google, екипата на OhridPress неодамна направи анализа околу евентуалните дислокации на уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игри на среќа во Охрид.

Со оглед на фактот што станува збор за релативно мал град, основната анализа покажува дека бројни вакви објекти ќе мора да се дислоцираат, особено оние во центарот на градот. Станува збор за над 20 поголеми и помали локации, кои особено гравитираат на улиците „Македонски просветители“, „Партизанска“, булевар „Туристичка“ и целиот потег околу Градскиот пазар и поширокиот дел на централното градско подрачје. Не помал дел ги има и во останатите делови на градот, а доколку се преклопат круговите од графичката анализа подолу, скоро и да нема дел од центарот на градот кој не е покриен од „заштитениот“ радиус од некое училиште.

Охриѓани веќе подолг период наназад реагираат на оваа тема по повеќе основи. Дел се за комплетно дислоцирање на ваквите објекти од градовите, а дел реагираат на растојанието од само 500 метри од училиштата, што реално ја прави мерката несериозна. Дел од нив, на шега предлагаат дека сега е подобро да ги преместиме училиштата, затоа што оваа мерка нема да смени ништо.

Повеќе за тоа како изгледаат поединечно и детално мапите со круг во радиус од 500 метри околу најголемиот дел од основните и средните училишта во Охрид ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука