Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Автопатот Кичево-Охрид не е добро проектиран, готов е 80 проценти

Скопје, 15. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот премиер на Република Македонија Димитар Ковачевски за рокот кога ќе биде завршен автопатот Кичево-Охрид, денеска истакна дека сите рокови се пробиени одамна и дека е потребна нова одлука во Собранието па да се види што понатаму.

– Тој договор бил донесен како закон во Собранието, така што таму треба да се одлучи во новиот состав на кој начин ќе продолжи проектот, дали со истиот изведувач или на крај ќе се бира изведувач којшто има покажано дека може да направи пат. Она што мора да се направи е првин тој пат да се заврши, бидејќи граѓаните на цела држава го заслужуваат, Охрид како најголем туристички центар тоа го заслужува и таму треба да се работи со најзабрзано темпо, рече Ковачевски.

Тој откри дека во моментов, на завршени делници на патот којшто е завршен некаде 80-85 проценти, во последниот квартал на минатата година имаше 13 свлечишта со огромни количини на земја паднати врз нив коишто сега треба да се чистат, да се репроектираат. Тој повтори дека има некои косини, коишто, како што рече, уште тоа време пред 10 години не се предвидело дека на крај завршуваат во Албанија, колку лошо биле испроектирани.

– Затоа сметам дека она што го направи Министерството за транспорт и врски е добра работа што се повика експерт којшто треба да направи анализа на се’ она што е направено досега, ревизија на она што е направено досега и Парламентот бидејќи се работи за договор којшто е со закон донесен, самиот договор е закон во Собранието Собранието во новиот состав да одлучи на кој начин ќе продолжи проектот – дали со истиот изведувач или на крај ќе се бира изведувач којшто има покажано дека може да направи пат, рече лидерот на СДСМ.

Кога се прават набрзина проекти пред избори, како шторече, резултатот е ваков.

– Меѓутоа, ова исто така и потврдува уште една работа, а тоа е дека кога се прават набрзина проекти пред избори, а овој проект за Кичево-Охрид беше направен баш пред избори во последниот мандат на владата на ВМРО-ДПМНЕ пред 2016 година каде што и самите тие нивни колеги кои учествуваа во проектирањето кажуваат дека тоа било набрзина направено, по гуглмап се правеле рутите, поминувале преку резервоари за вода, преку гробишта, косини непроектирани, свлечишта непроектирани, експропријации незавршени и затоа е и одолжена таа работа, рече Ковачевски.

Повтори дека веднаш штом ќе се спроведе ново анексирање во Собранието или нова одлука која што ќе ја дадат пратениците во Собранието, проектот ќе продолжи, бидејќи, како што рече, тој договор е со Закон во Собрание донесен уште пред 10 години.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид неодамна се најде највисоко на листата „матни“ настани за месец февруари на Барометарот на корупција на Транспаренси Интернешнл – Македонија.

– Автопатот Кичево-Охрид е најголема инфраструктурна инвестиција со „децениска“ изградба. И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево-Охрид не е изградена. Недостатоци за проектната документација, нерешените експроприации на земјиштето како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва, стои во извештајот на ДЗР. (Крај)

извор: denesen.mk/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука