Скопје, 21. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница едногласно ги потврди листите на сите седуммина кандидати за претседателските избори.
Доставените листи со потписи беа проверени од службите на ДИК исто како и генералиите односно условите пропишани со Уставот и Изборниот законик, односно да се македонски државјани, да имаат наполнето 40 години и во последните 15 години најмалку десет години да живееле во државата.
Како што соопштија од ДИК, двајца од кандидатите, Стевчо Јакимовски и Арбен Таравари, имале нецелосна документација. Се работи за технички пропусти и од ДИК добија рок од 48 часа да ја докомплетираат, јави slobodnaevropa.mk.
– Како што кажав пред гласањето, кандидатите Стевчо Јакимовски и Арбен Таравари треба во рок од 48 часа да достават единствен даночен број и трансакциска сметка, рече Александар Даштевски, претседател на ДИК.
Денеска ОБСЕ и ОДИХР соопштија дека претстојните претседателски и парламентарни избори ќе ги набљудуваат со 320 набљудувачи, 20 долгорочни и 300 краткорочни кои ќе пристигнат непосредно пред изборите. Во државата е биде присутен и тим од 12 експерти од 12 различни држави членки на ОБСЕ. Мисијата на ОБСЕ и ОДИХР за овие избори ја предводи Џилијан Старк, поранешен амбасадор и заменик министер за меѓународни прашања на Канада.
Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени во девет града низ државата Скопје, Битола, Прилеп, Штип, Тетово, Струмица, Куманово, Охрид и Кочани. (Крај)
извор: slobodnaevropa.mk фото: архива